Tuesday, December 9, 2008

* * *

Сите утешни зборови
остануваат
неизглаголени,
голтнати длабоко
буткајќи ги тие
отровни залаци
назад со крвавиот јазик.

Тие се отровни зборови
кои ми го замаглуваат
погледот
додека јас немоќно
се оптегнувам
на рапавиот под
кој нанесува гребнатини
по моето тело

а пискотот
кој одекнува надалеку
никој не сака
да го забележи.

Слушам смеење,
гледам како бликаат
радосни души
заробени во
тела кои ја чекаат
својата казна,
а јас чекорам
да ја спасам твојата душа,
да ја вратам
таа птица во
тој кафез кој
никогаш нема да дозволам
да 'рѓоса
фрлен на некое нивиште...

далеку од мене.

:)

Не,
и покрај се
нема да заборавам
да се смеам,
нема да заборавам
да се радувам
на секое ново
изгрејсонце
кое ми се насмевнува
посакувајќи ми
пријатни мигови.

Ќе бидам
градина од насмевки
од овој миг,
ќе бидам мека
постела
за мирен сон
и свила од нежности
врзана за колкот
на убавицата
која спокојно чекори
по песокта.

Дојди,
со себе носам
преубави дарови,
нудам прегратки,
бескрајна љубов
и слатки зборови
претопени во
медот на тишината,

ти нудам насмевка,
одблесок во темниот тунел.

Saturday, November 29, 2008

Страдание

Молам и плачам,
а ти?
Ме гледаш
како ги валкам
колениците на подот,
ги броиш моите гребнатинки
со ироничен потсмев.

Не, не сакам да знам
колку си пател
за ова да ми го правиш,
не знам ни зошто ја победив смртта
кога ти не нудиш ништо подобро,
само го израмнив твојот пат
на кој утре неблагодарно ќе плукаш.

Ќе заминам еден ден
и нема да ми биде гајле за твоите ѕвезди.
Зарем мислиш дека ми значи
нивната убавина
која за мене ја направи
толку недостижна?
Не, не ми значи,
се што ми подари
беше само кал и солзи,
но, не фала,
тоа мене не ми треба.

Се што сакам е само
да ме ослободиш од затворов.


Не заминувај

Ме роди,
се израдува
на мојот прв плач
кога го слушна,
а јас за првпат
го видов твојот лик
и оние раце кои
за првпат го земаа
в прегратка моето
мало розово тело.

Те замолувам,
не дозволувај
да се збогувам
од твојот лик
и тие божествени раце.

Тогаш нема да можеш
да го чуеш мојот плач
ниту пак да ме прегрнеш
за утеха.

Никогаш повеќе.

Убави лаги

Излажи ме,
јас не можам
повеќе со оваа вистина.

Кажи ми и увери ме
дека сум босонога
во свилен фустан
ко самовила
со балоните во рака
која оди само онаму
каде допираат
сончевите зраци.

Зборувај ми,
а јас ќе ги затворам очите
се до оној миг...

додека не згаснам.

Синџир на љубовта

Нека се стопат снегулките
на Вашите дланки,
нека ја почувствуваат топлината
која се шири од љубовта во Вашето срце.

Колку снегулки стопивте досега?
Дали и Вие паднавте на
мазната површина од нечија дланка?

Толку многу дланки Ве чекаат, знам,
еве ја подавам и мојата.

Посветена на Зоран


Thursday, November 27, 2008

Животе, ми требаш

Кога птиците заминуваат
јас тивко умирам
и не ми е жал
што душата ја оставам
во рацете на смртта...

Заборавот
нема да ме боли
ко сеќавањата
чии заби
ги изглодаа и коскиве,
што ќе ми е живот
кога ништо не остана од мене?

Дај ми причина
да останам тука,
дај ми љубов
да знам дека
и јас припаѓам тука.

Животe ми требаш,
а јас веќе одамна престанав да живеам.


Wednesday, November 26, 2008

Благодарам

Ти ја дадов сржта на мојата душа,
студенило распарчено ко стакло
фрлено на малиот изгниен под
кое бара жарче,
трошка топлина.

Се прашувам,
дали заблескаа моите очи
кога ми ја врати насмевката?
Дали ја прочита пораката
испишана на одблесокот
од зраците на мојата душа?

Нема да те замолам
да ја носиш
мојата тајна,
не сакам овој
проклет ѓердан да биде
обесен на твојот врат.
Не го примај,
не вреди.

Погледни ја
малата пеперутка
со раширени крилја
на моето овенато лице
која ми ја подари
и прими ја мојата скромна благодарност
за твоето огромно добродело.

Знај дека таа мала пеперутка
го симболизира доаѓањето на пролетта
во мојот мал распаднат свет.



Посветенa на Златко!

Заминување

Занемувам од болка
кога гледам
како бесни демони
го измачуваат
твоето веќе изнемоштено тело.

Дали ја гледаш
смртта додека спиеш?
Дали конец по конец
кинејќи го со ноктите
таа бессрамничка
ти ја зема душата?

Ајде,
стани сама,
знам дека можеш,
дојди до мене,
удри ме,
исплукај ми го лицето,
налути ми се
и навреди ме...

се ќе издржам,
но не и тоа
дека тивко се губиш
заминувајќи кроце
по патот на заборавот.





Добрина

Што е добрина?
Дали е тоа орудие
со кое се служиме
за да не сакаат
и да се почувствуваме исполнети?

Можеби е само
сладок опиум
од нашиот ум
кој удира со
чеканот по нашето срце
и не парализира
со својот разорен отров.

Каква би била таа добрина
што ја нудам
ако ја немам доволно за себе?

Секојпат кога ќе помислам на добрина
ќе помислам и на себеси,
доволно е само да си дадам љубов
за да имам што да споделам
со другите околу мене.