Tuesday, April 28, 2009

Насмевка

Насмевка?
Болка?
Што беше тоа?
Не можам
да протолкувам,
далеку си од мене,
повеќе не можам
да ја допрам твојата душа...
впрочем никогаш не ни можев.

Сега кога времето изминува
а твоите стаклени зборови
се искршија
на безличниот под
можам само да препоставувам,
твојата болка да ја избојам
со нијанси на ведрина
само за да ја смирам бурава.

Но, каде е вистината во сето ова?
Тука некаде,
непосредно до нас,
невидлива,
безлична,
безвредна...
или не?
Те сакам,
но дали го гледаш тоа?
Сеедно, јас го чувствувам
она што тебе те збунува
и те оддалечува од вистината.

ТЕ САКАМ!!!
Насмевни ми се
еден ден и оттаму...
за да знам дека и ти ме сакаш.

Thursday, April 2, 2009

Мртовец

Чекорам сама
на дождот,
го молам облакот
да ме стопи
со своите солзи,
капките да ме избришат
- да ме нема.

Горчината ја плукав
да го исфрлам отровот
кој ме задушува,
но сега останав
само со солзи
и со неподвижен лик
закован на еден мртовец
во сандакот на животот.

Monday, March 30, 2009

Не буди ме

Сакам да сонувам,
од сонот
да не се разбудам.
Затоа, те молам
не буди ме.

Јас (никој и ништо)...

Фрли ме
и не жали ме,
јас повторно
ќе се исправам.

Кој е тој
клетник
што ми одзеде се?
КОЈ Е?

Не,
јас не знам за смеа,
заборавив како е
да се стоплам
уживајќи покрај каминот
во мојот
веќе одамна студен дом.

Повторно ќе речам,
фрли ме
и не жали ме,
ќе преживеам и на студот,
ќе талкам сама,
сувата почва
ќе ја претворам во кал,
калта во безлични форми
кои ќе ја носат мојата болка,
мојата тажна приказна...

Погледни ги нив,
ќе ме видиш и мене
- безлична фигура
оставена
на патот...
заборавена.

Заборави ме,
јас сум само
никој и ништо.

Sunday, March 29, 2009

Талкач

Талкаш
но се е исто.
Исто е небото
- ноќе црно
дење сино,
досадно е за гледање...

Се здосадува,
се е празно,
болката преминува во монотонија,
радоста веќе спие таму.

Еј ти талкачу, разбуди се,
тука сум јас
пред тебе
- секогаш различна.

Погледни ме,
допри ме,
не плаши се од мене.

Ако ти здосадам
некогаш и заминеш
јас ќе се борам
против проклетата монотонија,
ќе ја фрлам на кучињата да ја изгризаат
и ќе те пуштам
да го обоиш светот
со своите бои.

Monday, March 23, 2009

Преродба

Животе,
што си ти?
Чија марионета си
во театарот свирепоста?

Ете ме, 
знам дека
конците се 
во моите неподвижни раце,
а исцицаниот поглед
е вперен во
зајдисонцето
кое повеќе 
не ме воодушевува.
Ах, како ли јас не згаснам
та животот да го 
претворам во мрак?

Можеби...

можеби на
следното изгрејсонце
со насмевка 
ќе се борам против апокалипса, 
но вечерва
тивко згаснувам,
заминувам во
закрилата на смртта 
да се одморам.

Предавничка

Скршнав од патот
на радоста
уште во раното детство.

Ме проголта животот
заглавувајќи ме
на неговиот
најостар заб
полека растопувајќи
ме со плунката
погребувајќи ме
во порите на јазикот.

Одвратно и поразително,
војник со скршено копје
на бојно поле
надевајќи се на победа.
Сега надежта
со својата лопата
ја фрла студената земја
врз моето поразено тело...

Предавничка
која ми беше единствена
ѕвезда водилка во животот
на патот до тагата.