Monday, March 30, 2009

Не буди ме

Сакам да сонувам,
од сонот
да не се разбудам.
Затоа, те молам
не буди ме.

Јас (никој и ништо)...

Фрли ме
и не жали ме,
јас повторно
ќе се исправам.

Кој е тој
клетник
што ми одзеде се?
КОЈ Е?

Не,
јас не знам за смеа,
заборавив како е
да се стоплам
уживајќи покрај каминот
во мојот
веќе одамна студен дом.

Повторно ќе речам,
фрли ме
и не жали ме,
ќе преживеам и на студот,
ќе талкам сама,
сувата почва
ќе ја претворам во кал,
калта во безлични форми
кои ќе ја носат мојата болка,
мојата тажна приказна...

Погледни ги нив,
ќе ме видиш и мене
- безлична фигура
оставена
на патот...
заборавена.

Заборави ме,
јас сум само
никој и ништо.

Sunday, March 29, 2009

Талкач

Талкаш
но се е исто.
Исто е небото
- ноќе црно
дење сино,
досадно е за гледање...

Се здосадува,
се е празно,
болката преминува во монотонија,
радоста веќе спие таму.

Еј ти талкачу, разбуди се,
тука сум јас
пред тебе
- секогаш различна.

Погледни ме,
допри ме,
не плаши се од мене.

Ако ти здосадам
некогаш и заминеш
јас ќе се борам
против проклетата монотонија,
ќе ја фрлам на кучињата да ја изгризаат
и ќе те пуштам
да го обоиш светот
со своите бои.

Monday, March 23, 2009

Преродба

Животе,
што си ти?
Чија марионета си
во театарот свирепоста?

Ете ме, 
знам дека
конците се 
во моите неподвижни раце,
а исцицаниот поглед
е вперен во
зајдисонцето
кое повеќе 
не ме воодушевува.
Ах, како ли јас не згаснам
та животот да го 
претворам во мрак?

Можеби...

можеби на
следното изгрејсонце
со насмевка 
ќе се борам против апокалипса, 
но вечерва
тивко згаснувам,
заминувам во
закрилата на смртта 
да се одморам.

Предавничка

Скршнав од патот
на радоста
уште во раното детство.

Ме проголта животот
заглавувајќи ме
на неговиот
најостар заб
полека растопувајќи
ме со плунката
погребувајќи ме
во порите на јазикот.

Одвратно и поразително,
војник со скршено копје
на бојно поле
надевајќи се на победа.
Сега надежта
со својата лопата
ја фрла студената земја
врз моето поразено тело...

Предавничка
која ми беше единствена
ѕвезда водилка во животот
на патот до тагата.

Бесмисленост

Не го гледај
моето лице
удавено во очај,
тоа е само едно
обично платно
каде се исцртува
безживотноста.

Не број ги
моите солзи,
залудно е
да го трошиш
скапоценото време
чекајќи да истечат...

Не, нема крај.

Секоја клетка
ја губи својата вредност
губејќи ја својата смисла
во бесконечноста,
та и мојата фигура
сеедно е дали е тука
или на пат од каде нема назад.

Сакам да заминам.
Не, нема толку голема
сила која ќе ја угаси
оваа желба.
Што е битно каде сум и која сум?
И онака ништо
нема крај ниту знаечење.

Не, нема крај.

Ништо нема смисла.

Sunday, March 22, 2009

Остави ме...

Остави ме да плачам,
оваа ноќ
само за тоа
имам сили.

Остави ме да самувам,
оваа ноќ
тоа е градината
во која одморам.

Остави ме да болувам,
оваа ноќ
само тоа умеам
да го правам.

Остави ме да изгорам,
оваа ноќ
ќе ја ослободам
душава од болка.

Sunday, March 8, 2009

Твоите солзи

Седнав покрај тебе
цвету мој.
Росата прекрасно
ти стои
убавице моја.

Ги избришав
нежно тие капки
кои неуморно се впиваа
в жедниве прсти.

Нека ги,
нека струи
твојата болка
во моите вени,
јас се што можев
да сторам
е да ти ја вратам
насмевката
која секогаш ќе ме потсетува
на твојата
неопислива убавина.

Saturday, March 7, 2009

Збогум... силуето

Не ме терајте
да ја пуштам
кога срцево
не ја дава.

Не молете ме
да ги сопрам солзиве,
тие капки се
нашето последно збогум...
збогум силуето,
ти, која тивко се
губиш во мракот
проголтана од тишината
заробена во моите спомени.

Не, таа не е само
една обична силуета
помината со четка
на белото платно,
таа богиња е
уметник кој го
сликаше мојот живот
со нејзината волшебна четка
натопена во боите
на бескрајна љубов.

Сега знам колку
љубов има(ше) таму.


Wednesday, March 4, 2009

Не предавај се

Оваа ноќ плачам,
плачам затоа што
не можам да се помирам...

Не можам да те пуштам
- за тоа сведочат
моиве горки солзи.

Не сакам
наскоро
да го допрам
твоето тело студено,
не сакам
наскоро
да ги погледнам
твоите очи затворени,
не сакам
да гледам
како фрлаат земја
врз ковчегот
каде ќе сонуваш ти.

Тивко умирам,
еден дел од мене
заминува со тебе...
врати го во живот,
само ти го можеш тоа

ОДБЕРИ ДА ЖИВЕЕШ...
НЕМОЈ, МАМО
НЕ СЕ ПРЕДАВАЈ....

Немоќна

Те видов бессрамничке
како ми ја украде насмевката,
а за возврат ми го остави
тажниот врисок
и безнадежните сни.

Сега ко сронет камен на патот
ги чувствувам тешките стопала,
чевли кои уште толку
ме дотолчуваат
со поголема сила од мојата.
Еден ден од мене ќе остане
само прав кој се препушта
немоќно на ветрот...

Да, вечерва се предавам
на ураганите
и ќе живеам во бурите...
јас повеќе немам сили
сама да се борам.

Не оваа ноќ.