Tuesday, January 6, 2009

Носталгија

Како мало дете
кое плаче
за својата
мајка која заминува,

или пак заљубениот пар
кој се разделува
на шините кај возот

така и јас
сама без себе
со испиени очи
го гледам
часовникот кој
неуморно го одбројува
секој миг
поминат
во оваа глува одаја
без трошка
од неисцрпната присутност
на лепливиот
допир на нежноста.


Tuesday, December 9, 2008

* * *

Сите утешни зборови
остануваат
неизглаголени,
голтнати длабоко
буткајќи ги тие
отровни залаци
назад со крвавиот јазик.

Тие се отровни зборови
кои ми го замаглуваат
погледот
додека јас немоќно
се оптегнувам
на рапавиот под
кој нанесува гребнатини
по моето тело

а пискотот
кој одекнува надалеку
никој не сака
да го забележи.

Слушам смеење,
гледам како бликаат
радосни души
заробени во
тела кои ја чекаат
својата казна,
а јас чекорам
да ја спасам твојата душа,
да ја вратам
таа птица во
тој кафез кој
никогаш нема да дозволам
да 'рѓоса
фрлен на некое нивиште...

далеку од мене.

:)

Не,
и покрај се
нема да заборавам
да се смеам,
нема да заборавам
да се радувам
на секое ново
изгрејсонце
кое ми се насмевнува
посакувајќи ми
пријатни мигови.

Ќе бидам
градина од насмевки
од овој миг,
ќе бидам мека
постела
за мирен сон
и свила од нежности
врзана за колкот
на убавицата
која спокојно чекори
по песокта.

Дојди,
со себе носам
преубави дарови,
нудам прегратки,
бескрајна љубов
и слатки зборови
претопени во
медот на тишината,

ти нудам насмевка,
одблесок во темниот тунел.

Saturday, November 29, 2008

Страдание

Молам и плачам,
а ти?
Ме гледаш
како ги валкам
колениците на подот,
ги броиш моите гребнатинки
со ироничен потсмев.

Не, не сакам да знам
колку си пател
за ова да ми го правиш,
не знам ни зошто ја победив смртта
кога ти не нудиш ништо подобро,
само го израмнив твојот пат
на кој утре неблагодарно ќе плукаш.

Ќе заминам еден ден
и нема да ми биде гајле за твоите ѕвезди.
Зарем мислиш дека ми значи
нивната убавина
која за мене ја направи
толку недостижна?
Не, не ми значи,
се што ми подари
беше само кал и солзи,
но, не фала,
тоа мене не ми треба.

Се што сакам е само
да ме ослободиш од затворов.


Не заминувај

Ме роди,
се израдува
на мојот прв плач
кога го слушна,
а јас за првпат
го видов твојот лик
и оние раце кои
за првпат го земаа
в прегратка моето
мало розово тело.

Те замолувам,
не дозволувај
да се збогувам
од твојот лик
и тие божествени раце.

Тогаш нема да можеш
да го чуеш мојот плач
ниту пак да ме прегрнеш
за утеха.

Никогаш повеќе.

Убави лаги

Излажи ме,
јас не можам
повеќе со оваа вистина.

Кажи ми и увери ме
дека сум босонога
во свилен фустан
ко самовила
со балоните во рака
која оди само онаму
каде допираат
сончевите зраци.

Зборувај ми,
а јас ќе ги затворам очите
се до оној миг...

додека не згаснам.

Синџир на љубовта

Нека се стопат снегулките
на Вашите дланки,
нека ја почувствуваат топлината
која се шири од љубовта во Вашето срце.

Колку снегулки стопивте досега?
Дали и Вие паднавте на
мазната површина од нечија дланка?

Толку многу дланки Ве чекаат, знам,
еве ја подавам и мојата.

Посветена на Зоран